12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Го спаси својот брат од урнатините во Сирија, а сега ѝ се заканува ампутација на ногата

Началникот на локалната полиција, Омар Рахал, слушнал слаб глас што доаѓал од урнатините.

Неколку часа подоцна, Рахал влетал во урнатините на куќата надевајќи се дека ќе ги најде живи Махмуд и неговото семејство.

Цело утро не слушнал знаци за живот, но околу пладне, конечно, го слушна гласот на девојчето: „Тргнете ме одовде“.

Неколку метри под врвот на купот отпад, заглавена меѓу бетонот, лежеше петгодишната ќерка на Махмуд, Џинан, заедно со деветмесечниот брат Абдула кого го тешеше под урнатините.

До нив, закопано под остатоците од куќата, беше телото на мајка им Суад. Рахал можеше да ја види само нејзината рака со која изгледаше како да се обидува да ги прегрне своите деца за да ги заштити, пренесува „Гардијан“.

Рахал се обидел да ги ослободи, но сфатил дека не може сам. Тој ги снимил двете заробени деца и видеото им го испратил на колегите од полицијата барајќи од нив помош. Видеото бргу стана вирално на „Твитер“ и стана симбол на трагедијата во Идлиб.

„За да го подигнеме бетонскиот блок што го попречуваше спасувањето, користевме кран, оној со кој креваме автомобили кога треба да се смени гума. Успеавме. Но, Џинан сепак ја имаше таа железна прачка заглавена во нејзината нога. Моравме да ја пресечеме. Немавме избор. Затоа решивме да го направиме она што не сакавме – да ја извадиме Џинан додека нејзината нога сè уште беше делумно набиена на стапот“, вели Рахал.

Во вторникот околу 2 часот по полноќ, по речиси 22 часа под урнатините, малото девојче било спасено. Седум дена по спасувањето, „Гардијан“ ги посети Џинан и нејзиниот помлад брат во болница, каде што се лекуваа повредени деца од Харем. Абдула спиеше завиткан во волнено ќебе, а Џинан лежеше сè уште со болки на креветот.

„Раната на нејзината нога е многу сериозна. Џинан можеби никогаш нема да оди како порано, нема да лажам. Ако раната не зарасне, може да бидеме принудени да ѝ ја ампутираме ногата“, изјави нејзиниот лекар Ваџих ал-Карат.

Џинан и брат ѝ се меѓу големиот број деца што останаа без родители во земјотресот во Идлиб. Бројот на загинати во земјотресот во Сирија се искачи на над 3.580.

Тоа е трагедија“, рече докторот на Џинан. „Џинан знае дека е сама со својот брат. Но, гледате дека и овие деца овде, до креветот на Џинан, се сираци. И повеќето од нив сè уште се прашуваат каде се нивните родители и кога ќе дојдат. Сакаме првин да ги излечиме. Тогаш во одреден момент ќе бидеме принудени да им кажеме дека и тие останале сираци“, додаде Карат, а пренесе „Индекс.хр“.