17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Залутан куршум погоди авион

Залутан куршум денеска при слетување во Бејрут погоди авион на компанијата „Мидл Ист Ерлајнс“, пришто е причинета материјална штета.

Нема повредени патници или членови на екипажот, изјави шефот на либанската авиокомпанија.

Првиот човек на таа компанија Мохамад Ел-Хут соопшти дека авионот слетал по враќањето од Јордан кога куршум го погодил горниот дел од леталото и таму се заглавил.

Напомена и дека меѓународниот аеродром Рафик Харири во Бејрут често се соочува со вакви инциденти, покрај птиците што летаат во областа и ја загрозуваат авијацијата.

Пратеничката Пола Јакобијан била во авионот за време на летот и на социјалните мрежи напиша дека нелегалното оружје треба да се забрани. Таа сподели фотографија од внатрешноста на авионот на која се гледа дупка од куршум над багажниот простор, додавајќи дека ќе даде повеќе детали за време на ТВ емисија.

Пукањето во воздух е вообичаено во Либан, каде што луѓето често отвораат оган за да го прослават полагањето на училишните или факултетските испити, како и за време на свадби и погреби, а такви пукотници, исто така, најчесто следат кога политичките лидери во земјата држат говори.

Новинската агенција пишува дека е вообичаено Либанците да имаат дома пиштоли и автомати, од кои многу се останати од граѓанската војна во земјата од 1975 до 1990 година.