17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ОН го осудија лансирањето ракета од Северна Кореја пред состанокот на Советот за безбедност

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска преку својот портпарол „најостро го осуди“ истрелувањето на балистички ракети и артилериски оган од страна на Северна Кореја пред седницата на Советот за безбедност посветена на зголемувањето на тензиите на Корејскиот полуостров.

Гутереш „ја повикува Северна Кореја да се воздржи од каква било провокација и целосно да ги исполни своите обврски кои произлегуваат од резолуциите на Советот за безбедност“, истакна неговиот портпарол Стефан Дујарик.

Генералниот секретар на ОН беше „многу загрижен поради тензиите на Корејскиот полуостров и ширењето на воената реторика“, изјави дипломат на ОН.

„Тој ја повикува Северна Кореја да преземе чекори што е можно поскоро за продолжување на преговорите за воспоставување постојан мир и целосна и проверлива денуклеаризација на Корејскиот полуостров“, додаде тој.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби ги критикуваше „речиси секојдневно провокациите на режимот во Пјонгјанг, кои само создаваат поголема несигурност и нестабилност на полуостровот“.

Овие осуди доаѓаат неколку часа пред состанокот на Советот за безбедност на ОН свикан на барање на САД и посветен на Северна Кореја, на кој нема да има гласање. По седницата ќе биде прифатена само заедничка изјава пред новинарите, соопштија дипломати на ОН.

Во средата и четвртокот, Северна Кореја истрела околу 30 проектили, од кои еден падна во близина на територијалните води на Јужна Кореја, што е прв ваков инцидент од крајот на Корејската војна во 1953 година.

Изолираната земја истрела и интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ) во четвртокот наутро, но безуспешно.

„Секој нуклеарен тест и секоја друга опасна акција ќе биде дочекана со брз, остар и обединет одговор од меѓународната заедница“, предупредија во петокот земјите од Г7, чии министри за надворешни работи се состанаа во Германија и ја осудија ескалацијата во тој дел од светот.

Војската на Јужна Кореја соопшти дека наредила полетување на таканаречените стелт авиони во петокот откако забележала 180 севернокорејски борбени авиони, што е нова епизода во спектакуларниот пораст на тензиите во последните денови на Корејскиот полуостров, каде Сеул и Вашингтон одржуваат заеднички воени вежби. .