22.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Зеленски: Електричната енергија се враќа во делови од Украина по масовните ракетни напади

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во видео обраќање до нацијата рече дека напојувањето е вратено во некои делови на Украина каде што беше прекинато поради руските ракетни напади врз енергетската инфраструктура.

Вчера руските сили истрелаа 30-40 ракети врз украинските енергетски капацитети, кои оставија околу 1,5 милиони домаќинства без струја.

Зеленски рече дека снабдувањето со електрична енергија е делумно обновено во јужниот регион на Одеса и во западните региони Хмелницки и Ривне.

„Позитивни вести доаѓаат и од другите региони. Но, во многу градови, во многу региони, поправките сè уште се во тек. Се обидуваме да ја вратиме електричната енергија на нашите граѓани што е можно поскоро“, рече украинскиот претседател.

Тој ги повика граѓаните да продолжат штедливо да ја користат струјата и да ја ограничат употребата на уредите кои трошат многу струја.

„Стабилноста на електричната мрежа на целата земја зависи од секој град и населено место во Украина“, рече тој, а потоа додаде: „Дури и ако непријателот може привремено да не’ остави без струја, тој никогаш нема да не’ остави без желба работите да функционираат како што треба и да ги поправат и да ги вратат во нормала“.