22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Украина ѝ се заблагодари на земјава за донираните тенкови: Пријателот се познава во неволја

Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска преку Твитер не заборави да се заблагодари за донацијата која земјава ѝ ја достави на Украина во форма на тенкови Т-72. Подољак на украински и на македонски јазик на Твитер го напиша следново:

„Пријателот се познава во неволја. Не е важно со каква големина е твојата земја, важно е какво срцето. Многу народи денес ќе покажат повеќе храброст од половина од G20. Како Северна Македонија, која ѝ пружи помош на Украина. Ние никогаш нема да го заборавиме ова“, напиша Подољак на Твитер.

За разлика од Украина, каде изминативе денови граѓаните по социјалните мрежи ѝ се заблагодаруваат на земјава за донацијата на тенковите „Т-72“, Русија преку портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека ваквиот потег на официјално Скопје е „голема грешка што само ќе помогне во криминалните дејствија на режимот во Киев“.

Македонските Министерство за надворешни работи и Министерство за одбрана по реакцијата на официјална Москва соопштија дека Република Северна Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно, водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност.

„Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина“, реагираа македонските министерства.

Покрај донацијата на тенковите Т-72 за Украина, дел од медиумите во земјава пишуваа, иако нема официјална потврда од македонските власти, дека наскоро во Киев би можеле да летаат и четирите воени авиони сухои „Су-25“, кои Северна Македонија ги набави од Украина за време на конфликтот во 2001 година.