Centar.mk
Screenshot
-БИЗНИС

АТС Грoуп: Компанијата не е и нема да биде инструмент за дневно-политички пресметки

Соопштение на АТС Груп:

АТС Грoуп ги отфрла политичките конструкции и обвинувања во кои името на компанијата се користи како аргумент во меѓупартиски и дневно-политички пресметки.

АТС Грoуп е приватна компанија која работи во одбранбената индустрија, со јасно дефинирани деловни интереси, обврски и одговорности. Компанијата е значаен инвеститор во Македонија, со над 500 вработени и со континуирани вложувања во производствени капацитети, современа технологија, опрема и развој на македонската одбранбена индустрија.

Нашите партнери и клиенти доаѓаат од Соединетите Американски Држави, Европската Унија и земјите од регионот. Сите активности на компанијата се спроведуваат во согласност со важечките закони и релевантните меѓународни правила.

АТС Грoуп не е политички субјект. Не учествува во партиски пресметки и нема да прифати нејзиното име, инвестиции и деловни активности да бидат користени за дневно-политички цели.

Во однос на вчера изнесените наводи, сакаме да бидеме целосно јасни: ангажирањето меѓународни професионални компании за правни, комуникациски, стратешки и други консултантски услуги е легитимна и вообичаена деловна практика за компании со меѓународни амбиции и присуство.

Овие активности се реализираат согласно законите и правилата во државите во кои се спроведуваат и се дел од деловната стратегија на АТС Груп за развој и проширување на нејзиното меѓународно присуство, вклучително и во Соединетите Американски Држави.

За активностите за кои постои законска обврска за јавност и транспарентност, релевантните информации се достапни преку официјалните регистри и институционалните механизми во Соединетите Американски Држави.

Немаме што да криеме. Но исто така нема да прифатиме законски и легитимни деловни активности на приватна компанија да се претставуваат како активности на Владата или како активности преземени во име на државата.

АТС Груп самостојно ги носи своите деловни одлуки, самостојно ги финансира своите активности и самостојно одговара за своето работење.

Подеднакво, нема да дозволиме компанијата да биде вовлекувана во расправи за тоа која политичка партија или која влада во минатото дала или не дала поддршка на нејзиното работење.

АТС Груп соработувала и ќе продолжи да соработува со надлежните институции и со своите деловни партнери во рамките на законските процедури и утврдените правила. Фактот дека различни државни функционери низ годините го препознавале значењето на инвестициите, производството и потенцијалот на македонската одбранбена индустрија не треба да биде политички аргумент ниту во корист, ниту на штета на која било политичка партија.

Од сите политички субјекти очекуваме институционален однос, почитување на фактите и одговорност при изнесувањето информации поврзани со компанијата.

АТС Груп работи во стратешки чувствителна индустрија. Затоа особено е важно јавната дебата да се темели на проверени факти, а не на политички конструкции и инсинуации.

Доколку постојат прашања за постапувањето на државните институции, тие треба да бидат упатени до надлежните институции. Доколку постојат конкретни прашања за работењето на АТС Груп, компанијата е подготвена транспарентно да одговори на секое конкретно и фактографски поставено прашање.

АТС Груп нема да дозволи нејзиното име да биде средство за политички пресметки.

Ќе продолжиме да го правиме она што го правиме со години: да инвестираме, да произведуваме, да отвораме и обезбедуваме работни места, да градиме меѓународни партнерства и да придонесуваме за развојот на македонската одбранбена индустрија.

Нашиот фокус останува на работата, резултатите и иднината.