14.8 C
Скопје
2. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Расте притисокот врз Шолц да испрати тешко оружје во Украина

Германија не смее да ја остави Украина на цедило и мора да ѝ испорача повеќе оружје, изјави министерот за економија и вицеканцелар од Партијата на зелените, Роберт Хабек.

Канцеларот Олаф Шолц е под зголемен притисок, надворешен и внатрешен, порешително да ја поддржи Украина во нејзината одбрана од Русија.

„Мораме да испратиме повеќе оружје. Не можеме да ја оставиме Украина на цедило. Таа се бори и за нас. Украина не смее да загуби, Путин не смее да победи“, изјави Хабек за весникот на групата „Функе“.

Германија веќе испрати оружје, но Киев бара тешко оружје, тенкови, артилерија и системи за противвоздушна одбрана.

Прашан дали тоа треба да го испрати и Берлин, Хабек рече дека „народот во Украина возвраќа со храброст и пожртвуваност, а ние сме должни да го поддржиме со оружје“.

„ Ние имаме одговорност кон себе, за да не станеме самите мета. Токму во тој контекст испорачуваме сè што е можно во Украина. Таа рамка досега не вклучуваше тенкови или борбени авиони. Брутализацијата на војната, се разбира, значи дека мора да го зголемиме квантитетот и квалитетот на испораките на оружје. Разговараме за ова со европските партнери и партнерите од НАТО“, рече министерот.

Зелените и либералите (ФДП), помладите партнери во коалицијата со Социјалдемократите (СПД) на Шолц, сè повеќе се залагаат за германската поддршка за Украина да вклучи тешко оружје.

Оваа недела шефот на германската дипломатија Аналена Бербок од Зелените и претседателот на комисијата за европски прашања во Бундестагот од ФДП Антон Хофрајтер одлучија да испратат тешко оружје.

Шолц, од друга страна, останува воздржан по ова прашање.