10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

И Хрватска ќе протера руски дипломати

Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, во средата во Брисел најави дека Хрватска ќе протера некои руски дипломати, како што веќе направија многу членки на ЕУ и НАТО.

„Ќе го направиме тоа од солидарност и како реакција на она што се случува, на овие ужасни сцени од Буча и другите украински региони“, рече Грлиќ Радман доаѓајќи на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.

Тој посочи дека тоа силно потсетува на трагичните настани од пред повеќе од 30 години во Вуковар.

Голем број земји членки на НАТО и ЕУ одлучија да протераат некои руски дипломати по извештаите за откривање масовни гробници и убиства на цивили во украинскиот град Буча по повлекувањето на руските војници.

Министрите за надворешни работи на 30-те земји членки на НАТО ќе разговараат за дополнителна помош за Украина. Тие ќе разговараат за распоредување противтенковско оружје, противвоздушни системи, сајбер-помош, опрема за заштита од хемиски и биолошки закани.

В четврток ќе им се придружи и украинскиот министер за надворешни работи, Дмитриј Кулеба, кој ќе ги информира за најновите случувања, вклучително и преговорите меѓу Киев и Москва.

На состанокот ќе присуствуваат и Финска, Шведска, Грузија и Европската унија, како и партнери од азиско-пацифичкиот регион Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја.

На состанокот ќе се разговара и за новиот стратешки концепт, кој треба да биде усвоен на самитот на алијансата во Мадрид кон крајот на јуни.

„Подготвуваме нов стратешки концепт за да може алијансата да одговори на сите форми на закани, да биде поефективна и што посилна“, рече Грлиќ Радман.

Тој додаде дека документот ја опфаќа и политиката на проширување т.н. политика на отворени врати нагласувајќи дека Хрватска е посветена на приемот на земјите од Западен Балкан во НАТО.