12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Милановиќ за паднатиот дрон: Ова беше опасен инцидент, не ширете информации од истрагата

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека граѓаните се безбедни по падот на беспилотното летало минатата недела во Загреб и побара итно обезбедување средства за зајакнување на системот за противвоздушна одбрана бидејќи, како што наведе, Хрватска е членка на НАТО, но мора да се грижи за сопствената безбедност.

Милановиќ на прес-конференцијата рече дека по брифингот со началникот на Генералштабот и директорите на разузнавачките агенции и командантот на воздухопловните сили, решил да ѝ се обрати на јавноста.

Тој додаде дека истрагата за несреќата е во тек и дека, како што рече, нема да навлегува во детали за тој инцидент.

„Би ги повикал и другите, кои на секои 15 минути им се обраќаат на медиумите од пред кратерот, да не го прават тоа, а особено да не одат таму без потреба“, порача Милановиќ.

Тој потсети дека проектилот ја прелетал Унгарија.

„Тоа се случи. Веруваме дека нешто слично нема да се случи повторно. Во контакт сме со унгарската страна, но таму ништо значајно не може да се смени. Научивме нешто од ова, ние сме членка на НАТО, но ние сме единствените што се грижиме за сопствената безбедност“, рече Милановиќ додавајќи:

„Затоа итно барам да се најдат средства за што побрзо зајакнување на овие системи со оние средства и алатки со кои може да се зајакнат, а потоа да се набават соодветни системи за потребите на хрватската национална безбедност на среден рок, кои не се гаранција за апсолутна безбедност, но за одредена безбедност, бидејќи не постои апсолутна безбедност“.

Тој го опиша инцидентот со падот на леталото како опасен и грд.

„Ги молам сите што имаат информации од истрагата да молчат за тоа“, порача хрватскиот претседател.