17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото ДСНС Украина/Харков
СВЕТ

Жители на гранатираниот Харков: Улиците се полни со загинати, Путин и Лавров се бандити

Во една улица во Харков наоколу е расфрлан шут, земјата е облеана со крв, а тела на луѓе се извадени од уништените домови и покриени со ќебиња, пишува „Ројтерс“.

Некои преживеани по артилерискиот оган на руските сили се засолниле, додека други им помогнале на спасувачите да ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани, изјавил очевидец за британската агенција. Сцените во вториот по големина град во Украина оваа недела потсетуваат на интензитетот на руската инвазија.

Руската армија го бомбардира и Киев, но судбината на Харков, кој географски и културно е поблиску до Русија, досега беше полоша.

Украинските власти во средата објавија дека најмалку 21 лице загинало во последните 24 часа, додека 112 се ранети во стратешкиот град и сообраќаен центар во источна Украина, на само неколку десетици километри од границата со Русија.

Подоцна во текот на денот, тие соопштија дека се убиени уште четири лица, а девет се ранети. Иако е под опсада, Харков сè уште не паднал во рацете на руските сили, пренесуваат светските медиуми. Во тешко оштетените згради владее неверување и гнев.

„Бомбардираа станбена зграда, истрелаа ракети кон неа. Многу цивили загинаа. Имам видео снимки од најмалку четири мртви луѓе кои лежат на земја“, изјави Виталиј Рибас, жител на Харков. „Покрај нас лежи мртво лице. Лавров и Путин се бандити. Тие треба да бидат изведени пред лицето на правдата“, додаде тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во вторникот дека нападите врз Харков претставуваат државен тероризам, нагласувајќи дека главни цели на Русија се Киев и Харков.

Западните лидери, исто така, беа особено критични за ракетирањето на Харков. Во вторникот, британскиот премиер Борис Џонсон ги спореди сцените во Харков со српската опсада на Сараево. Тој на прес-конференција во Естонија изјави дека има чувство оти злосторството е извршено намерно.