21.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Антиваксери во Германија планирале убиство на премиерот, специјалци во акција

Германската полиција изврши рација на неколку локации во источната провинција Саксонија, како дел од истрагата за, како што велат, заговор за убиство на премиерот Михаел Кречман од страна на група антиваксери, објавија агенциите.

Претресите во градот Дрезден беа насочени кон поединечни членови на група која преку пораки на „Телеграм“ споделувала планови за убиство во врска со сузбивање на коронавирусот од страна на државната власт, соопшти полицијата, пренесуваат медиумите.

Групата „Дрезден офлајн вмрежување“ се најде во фокусот на властите по истрагата што минатата недела ја објави телевизијата ЦДФ.

Извештајот на телевизијата открил дека членовите на групата зборувале на состаноците во Дрезден за убиството на саксонскиот владин функционер.

Саксонија, која има втора највисока стапка на нови случаи на коронавирус во Германија и најниска стапка на вакцинација, имаше протести во последните недели против ограничувањата за коронавирус.

Минатиот месец група демонстранти одржаа собир со факели пред куќата на саксонската министерка за внатрешни работи, што се сметаше за имплицитна закана за насилство врз неа.