10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

(Видео) Германија бара Европската Унија да ги запре мигрантите од Белорусија

Германија ја повика Европската Унија да преземе мерки за да помогне во запирање на бранот мигранти на полската граница кои доаѓаат од Белорусија.

„Полска или Германија не можат сами да се справат со тоа“, изјави министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер за Билд, повикувајќи ја ЕУ да заземе заеднички фронт.

„Мораме да и помогнеме на полската влада да ја обезбеди надворешната граница. Тоа треба да биде прашање на Европската комисија. Сега ја повикувам да преземе акција“, нагласи тој.

Зехофер го упати повикот откако Полска објави дека го одбила обидот на стотици мигранти илегално да ја преминат границата од Белорусија, но исто така посочи дека илјадници други се уште се собираат.

Хорст Зехофер рече дека ја поддржува одлуката на Полска да подигне ограда на границата со Белорусија.

„Не можеме да ја критикуваме за одбрана на надворешните граници на Европската Унија“, рече тој.

„Не, се разбира, со употреба на огнено оружје, но на други достапни начини – да“, додаде министерот.

Илјадници мигранти се собраа на белоруско-полската граница во обид да влезат во Европската Унија.

Брисел го обвинува режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко дека го организирал пристигнувањето на мигрантите на источните граници на Унијата, откако Европската Унија воведе санкции против Минск за брутална репресија на опозицијата.

Лукашенко ги негира ваквите обвинувања.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен изјави дека белоруските власти нема да ги исполнат своите цели со искористување на мигрантите за да извршат притисок врз Европската Унија. Фон дер Лаен рече дека разговарала со премиерите на Полска, Литванија и Летонија, за да ја изразат својата солидарност со Европската Унија.