Граѓаните на Волково добиваат градинка во својата населба, која ќе овозможи згрижување на 175 деца до шестгодишна возраст, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, која заедно со градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, го направија денешниот увид во доуредувањето и опремувањето на објектот. Таа посочи дека со изградбата на градинката на младите брачни парови од Волково ќе им се подобри квалитетот на живеењето што е исклучително важно и при вклучувањето на пазарот на труд.
Градинката ќе има голем кружен атриум со зеленило, а за безгрижна игра на децата во завршна фаза е и уредувањето на надворешното игралиште. Покривната непропусна конструкција е изведена така што во иднина отвора можност за зелен кров, како надоградување на енергетската ефикасност на објектот. Градинката е објект изграден според највисоките европски стандарди, освен што е енергетски ефикасен, објектот располага и со лифт кој ќе овозможи целосна инклузија на децата со попреченост.
„Продолжуваме да го прошируваме капацитетот на детските градинки имајќи ја предвид важноста на предучилишното образование во понатамошниот развој на децата. Дополнително работиме и на усовршување и подобрување на професионалните перформанси на вработените во градинките. Затоа што за нас секое дете е важно. До сега министерството за труд и социјална политика со поддршка на Владата успеа да отвори 15 детски градинки, а до крајот на годината остануваат да се отворат уште десет градинки кои што се во финална фаза. Ова говори за нашата посветеност и за грижата за најмладите во нашата држава. Дополнително во овој момент сакам да информирам за тоа дека свесноста на вработените во градинките имајќи го предвид фактот што 76% од вработените веќе се вакцинирани, говори колку грижата за децата е наш врвен приоритет“, рече Шахпаска.
„Во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Владата успеаваме да ја изградиме првата градинка во Волково. Со овој објект, децата ќе добијат модерен простор за игра и учење по највисоките светски стандарди. Оваа населба постојано расте и се проширува, па со новата градинка етапно решаваме еден од најгорливите проблеми недостигот на просторни услoви за згрижување на децата. Посветено работиме за изградба на уште две нови градинки во Ново Село и Дексион“, рече Наумовски.
Министерката Шахпаска при увидот посочи дека оваа градинка е дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги, којшто го спроведува МТСП со поддршка на Светска банка.
Само преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, 16 општини во земјава добиваат нови градинки или преку градежни зафати го зголемуваат капацитетот за прием на деца. Три од нив се веќе пуштени во употреба, а 9 се во изградба. Со овие 16 градинки го зголемуваме опфатот за приближно 2.000 нови места во градинките. И, не застануваме тука. Ние како Влада зацртавме, и тоа веќе го исполнуваме, дека до крајот на тековниот мандат ќе обезбедиме вкупно 7.500 нови места за децата во предучилишното згрижување и ќе достигнеме 60% опфат во градинките и во центрите за ран детски развој во општините ширум земјата.
За изградба на градинката во Волково се потрошени 87 милиони денари, и дополнителни 6,3 милиони денари за внатрешно опремување во градинките.