12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Белоруски опозиционер осуден на 14 години затвор

Белорускиот опозициски лидер Виктор Бабарико, кој имаше намера да учествува на претседателските избори во август 2020 година против Александар Лукашенко, но беше уапсен неколку недели претходно, во вторникот е осуден на 14 години затвор за корупција.

„Виктор Бабарико беше осуден на 14 години затвор, а казната ќе ја издржи во казнено-поправната колонија со зголемена безбедност“, објавија приврзаниците на опозицијата на „Твитер“.

Бабарико е осуден за примање мито и перење пари, објави белоруската невладина организација „Вјасна“ повикувајќи се на пресудата на Врховниот суд. Бидејќи пресудата беше изречена од Врховниот суд, Бабарико беше спречен да се жали.

Бабарико (57) е поранешен банкар и се сметаше за најсериозен кандидат против Лукашенко на претседателските избори одржани на 9 август 2020 година. Опозиционерот исто така беше осуден на глоба од речиси 45.000 евра и му беше забрането да извршува високи функции.

Обвинителството тврди дека Бабарико сторил кривични дела додека бил на чело на „Белгазпромбанк“, белоруската филијала на банката што му припаѓа на рускиот гигант „Газпром“.

Уште седуммина поранешни вработени во таа банка, кои ја признаа вината и сведочеа против Бабарико, беа осудени на три до шест години затвор.

Белорусија е погодена од политичка криза од претседателските избори за кои противниците на Лукашенко тврдат дека се украдени.