11.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Од јули Израел се отвора за сите вакцинирани туристи

Израел планира од јули целосно да се отвори за сите туристи вакцинирани против коронавирусот, објави министерот за туризам.

Откога почнаа првите групни патувања кон крајот на мај, индивидуалните посети може да бидат дозволени во јули, рече министерката за туризам, Орит Фаркаш-Хакоен, на прес-конференција во Тел Авив во вторникот.

„Со вежбање до совршенство“, рече таа.

Според неа, време е да се искористи големата предност на Израел како здрава и вакцинирана дестинација.

Израел се затвори речиси веднаш по почетокот на пандемијата на коронавирусот. На странците им беше дозволено да влегуваат само во исклучителни случаи.

Туристичката индустрија е важен економски фактор за земјата и страдаше многу од ефектите на кризата.

Во средината на април медитеранската земја објави постепено повторно отворање за туристите. Првично на организираните групи треба да им биде дозволен влез од 23 мај. Тие посети може полесно да се следат, рече Фаркаш-Хакоен.

Предусловите вклучуваат вакцинација со вакцини одобрени од тела, како што се САД или Европската агенција за лекови, ПЦР-тест пред поаѓање и серолошки тест по пристигнување.

Министерката најави дека Израел ќе почне големи кампањи во Дубаи, Лондон и во Њујорк за да привлече луѓе подготвени да патуваат. На тие места веќе има многу вакцинирани лица.

Земјата со нешто повеќе од 9 милиони жители успешно ја спроведува кампањата за вакцинација од 19 декември, а повеќе од половина од населението сега е целосно вакцинирано.

Бројот на новозаразени лица и тешки форми на коронавирус нагло опадна.

Паралелно со напредокот на кампањата за вакцинација, владата почна постепено да ги олеснува ограничувачките мерки во борбата против коронавирусот.