17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Ердоган: Европските муслимани се соочуваат со системска дискриминација

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, посочи во неделата дека европските муслимани се соочени со дискриминација и дека им се одземаат правата и слободите, пренесува „Анадолија“.

Ердоган испрати видеопорака на Самитот на лидерите насловена „Геноцид: Лекциите научени од Сребреница“, кој по повод 25-годишнина од почнувањето на преговорите на 1 ноември 1995 година по кои е постигнат Дејтонскиот мировен договор, го организираат Меморијалниот центар „Сребреница“ и Фондацијата „Сикамор” со поддршка на турскиот Директорат за комуникации.

Ердоган рече дека во Сребреница, во срцето на Европа се случил геноцид кој е црна дамка во историјата на човештвото.

„Иако од тоа поминало четвртина век, и понатаму во срцата чувствуваме болка за убиените 8.372 браќа и сестри Бошњаци”, рече Ердоган и посака милост за шехидите, а до семејствата на жртвите од геноцидот и упати сочувство до бошњачкиот народ.

Турскиот претседател смета дека одговорните за геноцидот не ги добиле казните кои ги заслужуваат.

„Оние кои нашите браќа, кои побараа засолниште под заштита на Обединетите нации, ги предадоа на убијците и ги испратија во смрт, не положија сметка за она за што се одговорни. Уште пострашно е што човештвото, особено европските политичари и медиуми, не извлекоа лекции од геноцидот во Сребреница“, рече Ердоган.

Тој додаде дека најболен пример за тоа се масакрите кои се случуваат во многу делови од светот, од Сирија до Јемен, од Аракан до Нов Зеланд.

„Оние меѓународни организации кои беспомошно го гледаа геноцидот во Сребреница, само ги гледаат и овие тирании кои се случуваат во последно време”, рече Ердоган.

Тој додаде дека земјите кои држат лекции за човекови права и демократија, денес предничат во исламофобија и ксенофобија.

„Расистичкиот тероризам се шири како чума во многу западни земји, а понекогаш е заштитен на претседателско ниво”, рече Ердоган.

Тој истакна дека нападите врз исламските објекти, компании и невладини организации достигнале загрижувачко ниво.

„Европските муслимани се соочени со системска дискриминација, а нивните права и слободи се одземаат. Време е да се запре со овој погрешен тек, кој е закана за соживотот на луѓето од различни култури и вери, како и за иднината на човештвото. Како што по холокаустот се бореше против антисемитизмот, така и денес треба да се бори против исламофобијата”, рече Ердоган.

Турскиот претседател додаде дека во време кога се изразени економските последици предизвикани од пандемијата како и во време кога се зајакнати општествените тензии, сите државни функционери, и сите кои се борат за демократијата, слободите мирот и правдата, имаат посебни задачи.

„Треба храбро да говориме за она што гледаме дека е погрешно за да не се повтори геноцидот извршен во Сребреница и заедно треба да трагаме по патот на решенијата. Не само заради нас и нашите земји, туку и заради иднината на нашите деца”, рече Ердоган.