10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Србија ќе забрани увоз на автомобили со Евро 3-мотори

Во Србија се подготвува забрана за увоз на стари автомобили со Евро 3-мотори, која може да стапи во сила во јуни годинава, пишуваат белградските медиуми, кои наведуваат дека тоа може значително да влијание врз српскиот пазар и за зголемување на цената на автомобили со мотори од класата Евро 4.

„Забраната за Евро 3 би значела повисоки цени за 10 до 15 проценти. Толку, практично, ќе чинат слични автомобили со првиот повисок стандард“, тврдат претставниците на компании за увоз на автомобили за „Блиц бизнис“.

Возилата со мотори Евро 3 во моментот сочинуваат околу 80 отсто од вкупниот возен парк, односно околу 1,6 милион автомобили од вкупно два милиона патнички автомобили.

Босна и Херцеговина, која има најстар возен парк во Европа и регионот, уште во 2016 година забрани увоз на автомобили со Евро 3-мотори, а Црна Гора го стори тоа на крајот на 2018 година.

Северна Македонија пред пет години забрани увоз на возила постари од 15 години, а Албанија минатата година забрани увоз на стари возила што не ги исполнуваат Евро 5-стандардите или се постари од десет години.

Забраната за мотори со стандардот Евро 3 неодамна беше спомената како една од мерките за спречување поголемо загадување на воздухот во Србија кога Белград со денови беше на врвот на листата на светските градови со највисоко ниво на загадување на воздухот./Makfax