25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Турскиот Уставен суд пресуди дека забраната за Википедија ја нарушува слободата на изразување

Турскиот Уставен суд денеска донесе пресуда во корист на Википедија, оценувајќи ја двегодишната забрана на турската влада за користење на интернет енциклопедијата како повреда на слободата на изразување.

Турција ја блокираше Википедија во април 2017 година, обвинувајќи ја дека е дел од „клеветничка кампања“ против земјата, откако веб-страницата одби да ги отстрани содржините кои, наводно, ја претставувале Турција како земја што ја поддржува Исламска држава и други терористички организации.

Пристапот до Википедија и сите нејзини јазични изданија е блокиран со закон кој дозволува владата да забрани веб-страници за кои смета дека претставуваат закана по националната безбедност.

Википедија одби да ги отстрани содржините од веб-страницата, спротивставувајќи се на цензурата и поднесе барање до Уставниот суд во мај 2017 година.

„Анадолија“ објави дека Уставниот суд одлучил оти забраната ја нарушува слободата на изразување.

Судиите гласале десет спрема шест во корист на Википедија, пренесе агенцијата./Makfax