10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Шефот на Бундестагот: Климатските промени бараат одрекувања, мора да ја платиме цената

Германците ќе мора да го променат својот животен стил, да го намалат трошењето за одмори и да платат реална цена за предизвикот од климатските промени, изјави претседателот на германскиот парламент, Волфганг Шаубле.

Во божикното интервју, членот на ЦДУ, Шаубле, кој беше германски министер за финансии за време на кризата во еврозоната, кога побра мерки за штедење и фискална одговорност од јужните членки Европската Унија, рече дека климатските промени бараат извесни ограничувања од Германците.

„Ќе мора да ги промениме нашите животи“, изјави Шаубле за весникот „Ное Оснабрукер цајтунг“.

„Секако е големо задоволството да летаме на Малдивите или да ја посетиме Венеција, но во иднина ќе мора поумерено да постапуваме во однос на тоа задоволство“, додаде тој.

Климатските промени избија на врвот на агендата на германската влада, предводена од Ангела Меркел, а тоа беше поттикнато од неколку екстремно жешки лета и еколошкото движење на шведската ученичка Грета Тунберг.

Климатскиот пакет договорен претходно годинава предвидува големо намалување на емисијата на јаглероден диоксид во текот на следната деценија, како и јавни инвестиции во железницата, обновливите извори на енергија во домаќинства и електричните возила.

Шаубле рече дека дури и ако пакетот се стреми кон минимизирање на директните трошоци за потрошувачите, сите Германци ќе платат цена за промената.

Греењето и бензинот ќе станат поскапи, рече тој, дури и ако пониските цени на електричната енергија и поевтините возења со воз амортизираат дел од новите трошоци./Makfax