17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Администрацијата на Трамп со нови санкции против Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови санкции врз индустриските метали од Иран и се закани со понатамошни мерки доколку Техеран „фундаментално“ не го промени своето однесување.

Извршната наредба на претседателот Трамп ги опфаќа иранските сектори за железо, челик, алуминиум и бакар, кои, покрај нафтата, претставуваат најголеми извори на приходи на Иран, односно 10 отсто од нејзината извозна економија.

Во изјавата на Белата куќа се вели дека политиката на САД вклучува и оневозможување на Иран да дојде до приходи од извозот на производи од иранско железо, челик, алуминиум и бакар, кои би можеле да се искористат за финансирање и поддршка на дистрибуцијата на оружје за масовно уништување, терористички групи и мрежи и кампањите за регионална агресија и воена експанзија.

Претходно, Иран соопшти дека се откажува од дел од обврските пропишани со нуклеарниот договор, кој беше потпишан во 2015 година, заедно со САД, Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија.

Франција го повика Иран да ги почитува своите обврски кон нуклеарниот договор и договорите за непролиферација на оружје.

„Франција е загрижена поради ваквите изјави. Таа е посветена на осигурување дека овој договор, клучен за меѓународната безбедност, ќе биде имплементиран во целост“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Оливие Говин.

„Важно е да се избегнат дејства што би ја попречиле имплементацијата на неговите обврски од страна на оние кои се вклучени во договорот, што би довело до ескалација на ситуацијата“.

Тој додаде дека Франција е посветена на тоа иранските финансиски и извозни канали да останат отворени.