12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ЕУ сè уште одбива да го признае израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина

Европската Унија не ја сменила својата позиција во врска со Голанската Висорамнина и не го признава израелскиот суверенитет над окупираната територија, изјави денеска Маја Коцијанчич, портпарол на дипломатската служба на ЕУ, пренесува „Спутник“.

„Позицијата на ЕУ во однос на статусот на Голанската Висорамнина не се промени. Во согласност со меѓународниот закон и резолуциите на Советот за безбедност на ОН, 242 и 497, ЕУ
не ја признава израелската сувереност над окупираната Голанската Висорамнина“, вели Коцијанчич.

Во понеделникот американскиот претседател, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба формално признавајќи го суверенитетот на Израел врз Голанската Висорамнина по неговиот состанок со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа.

Потегот на САД, кој се смета за корисен не само за Израел туку и лично за Нетанјаху, кој се подготвува за парламентарните избори на 9 април, веќе е осуден од Русија, Сирија, Иран, Турција и од други земји. Сојузниците на САД, како што се Франција, Германија и Обединетото Кралство, исто така одбија да го поддржат потегот на Трамп, кој е во спротивност со резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

Голанската Висорамнина, стратешки важна област поради своите водни ресурси, меѓу другото, најчесто беше под контрола на Израел кога земјата ја зазеде областа за време на шестдневната војна во 1967 година. Кога Израел го усвои законот со кој ефективно ја анектира територијата во 1981 година, ОН едногласно изјавија дека тоа е ништовна и неважечка одлука, без меѓународно правно дејство.

Во 2018 година Генералното собрание на ОН усвои резолуција, со која се бара од Израел веднаш да ги повлече своите сили од областа откако земјата организира локални избори во областа на 30 октомври.