24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: 11 години ВМРО-ДПМНЕ беше посветена на криминал наместо на чист воздух

11 години ВМРО ДПМНЕ го игнорираше проблемот со загадувањето на воздухот и се посвети единствено на криминал, корупција и лично богатење на поединци, реагираа од СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Како последица на тој игнорантски однос, секоја година нивото на загаденост стануваше сè поалармантно. Денес, на долгогодишниот проблем со загадувањето му се пристапува одговорно и системски. Во рамките на своите надлежности повеќе институции, на локално и централно ниво, како и Градот Скопје преземаат мерки и работат на решавање на наследниот проблем со загадениот воздух“, стои во реакцијата на СДСМ.

Од партијата додаваат дека со обновување на дрворедите на скопските улици, пролетни и есенски акции на засадување дрва, подигање нови и реконструкција на стари зелени површини, зелени кровови и нови паркови, Градот Скопје го враќа и дополнува зеленилото во Скопје.

„Мерките како зголемување на инспекцискиот надзор на најголемите загадувачи, детектирање на дивите депонии, гасификацијата, се дел од мерките кои придонесуваат за намалување на загаденоста на воздухот.

Се преземаат акции за рачно миење на градските улици и булевари за намалување на правта и ситните честички, а се субвенционираат трошоците на домаќинствата за набавка на печки на палети, што ги заменуваат нееколошките начини на греење.

Воведувањето на бесплатен автобуски превоз во деновите кога загаденоста е поголема, како и бесплатни автобуски линии до парк-шумата Водно, воведување електрични автобуси и набавка на нови 40 следната година исто така се дел од мерките што Град Скопје ги презема за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот“, стои во реакцијата на СДСМ.

Со овие и други краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки, велат од владејачкиот СДСМ, надлежните институции работат на намалување на загаденоста на воздухот, која се очекува за две години да се намали за 50% во Скопје и 30-50% во другите градови.