21.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото: Pixabay
МАКЕДОНИЈА

Почна собирањето податоци за состојбата на децата и жените во земјата

Државниот завод за статистика, во партнерство со УНИЦЕФ и УНФПА, викендов почнува со собирање податоци за состојбата на децата и жените во земјата во рамките на една од најголемите меѓународни програми за истражување во домаќинствата, шестата серија на Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС), што е поддржано од УНИЦЕФ во светски рамки.

„Ги повикуваме сите домаќинства да им ги отворат вратите на нашите анкетари бидејќи со овие податоци земјата и понатаму ќе развива политики и насочени интервенции што се потпираат на информации со цел да се подобри состојбата на жените и децата во земјата“, рече Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.

МИКС е сеопфатен извор на податоци за жени и деца, со кој се обезбедуваат споредливи показатели за исхрана, рани бракови, детскиот труд, функционалност на децата и возрасните (попречености), ран детски развој, образование и другите сфери што влијаат на благосостојбата на децата. Единствен е бидејќи со него се обезбедуваат споредливи и расчленети податоци со кои земјите ги идентификуваат јазовите во правичност и ги идентификуваат конкретните групи што се изоставени.

„Како што проблемите кои не се проценети остануваат нерешени, така постои ризик да се изостават децата што не се изброени“, рече претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс.

„Информациите се неопходни за надминување јазови во податоците, за полесно донесување одлуки врз основа на докази и за поттик на актуелните реформи во земјата и реформите што се во тек. Со нив треба да се постигне и трансформација – неповратни промени за подобро утре на сите деца и жени во земјата“.

Собирањето податоци ќе се врши од 16 ноември до март в година во 6.240 домаќинства во земјата избрани случајно. Методологијата подразбира интервјуа лице во лице, што ќе ги вршат обучени анкетари.

Последното истражување за МИКС во земјата се спроведе со поддршка на УНИЦЕФ во 2011 година.

МИКС е глобална методологија што се користи од 90-тите. Неодамна ѝ се изврши ревизија за да ги опфати показателите за глобалните цели за одржлив развој. Со новите подобрувања со истражувањето ќе се обезбедат и вредни информации за нови области што претходно не биле оценувани во рамките на истражувањето МИКС, како што се пристапот до социјални трансфери, основни вештини за учење (за деца од 7 до 14 години), функционирање на децата и возрасните, статусот на миграција, употребата на чисти горива и технологија, како и виктимизација.