17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Седум лица завршија вечерва во притвор: Јавното обвинителство ги соопшти најновите детали за големата полициска акција

Судот им определи 30 дневен притвор на седуммина од вкупно 13 осомничени за ископување и продажба на археолошки предмети со непроценлива вредност против кои МВР поднесе кривични пријави. За едно лице, Судот изрече мерки за обезбедување присуство.

Претходно МВР соопшти дека вчера полицијата спровела акција со цел сузбивање на организирана повеќечлена криминална група составена од лица од Скопје, Велес, Струмица, Радовиш, Тетово, Струга и Битола, инволвирана во вршење на кривични дела против културното наследство и природните реткости. Меѓу лицата е и таткото на режисерот Јани Бојаџи.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека сите осомничени се товарат дека сториле кривично дело злосторничко здружување. Покрај ова, осомничените сториле и други кривични дела и тоа: изнесување односно извезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, прикривање и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.

„По едногодишна коодинирана акција со Министерството за внатрешни работи е утврдено дека тројцата првообвинети со цел стекнување на противправна имотна корист создале група со која на територијата на Република Македонија превземале заедничи или поединечни дејствија на присвојување на добра под привремена заштита, културно наследство и природни реткости. Информациите меѓусебно ги споделувале и заедно или самостојно, заминувале на археолошките локалитети каде што вршеле мерења на теренот, а потоа користејќи детектори за метал, самите или со други лица, вршеле илегални ископувања“, соопшти Обвинителството.

Пронајдените археолошки предмети, што претставуваат добра под привремена заштита, односно културни добра и природна реткост, групата ги продавала и ги изнесувала надвор од Република Македонија. Со ваквата постапка предметите трајно ги отуѓувале и на тој начин предизвикале непроценлива материјална штета за Македонија.

При претрес на домовите на осомничените пронајдени се предмети под привремена заштита, односно културно наследство со непроценлива вредност сопственост на Република Македонија како и природни реткости прибавени со кривично дело и истите се предадени на идентификација.