17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Тајфунот во Јапонија носи сè пред себе

Најмалку 24 лица беа повредени во последната бура што ги погоди централните и западните делови на Јапонија, додека 150 000 куќи останаа без електрична енергија.

Тајфунот Јонгдари, кој прво го погоди јапонскиот остров Хоншу, донесе поројни дождови и ветрови до 180 километри на час, пренесува Би-би-си.

Метеоролозите ги предупредуваат граѓаните дека иако Јонгдари спаѓа во редот на тропските бури, обилните дождови може да предизвикаат лизгање и одрон на земјиштето. Тајфунот се движи кон запад, а населението е предупредено да се евакуира навреме.

Агенцијата Кјодо објави дека тајфунот освен обилните врнежи го предизвика и феноменот топол ветар, наречен фен, кој предизвика висока температура до 40 степени.

Отежнат е и сообраќајот и откажани се сите летови на јапонските авиокомпании. Како што е наведено, дождот и високите температури ќе продолжат и во некои области дури и кога тајфунот поминува, што може да предизвика здравствени проблеми на граѓаните, како што се срцев удар и топлотен удар.

Од почетокот на јули во поплавите во Јапонија настрадаа 224 лица, а најмалку 80 лица беа повредени поради топлина, а повеќе од 22 000 беа хоспитализирани.