25.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Нов извештај: Пропусти во одговорот на Владата за исчезнувањето на малезискиот авион

Независниот извештај за истрагата на исчезнатиот авион на летот МХ370 на компанијата „Малезија ерлајнс“ укажува на пропусти во одговор на малезиската влада, кои, како што се наведува, ја влошиле ситуацијата со разрешувањето во врска со мистериозното исчезнување на авионот.

Во извештајот, кој е објавен повеќе од четири години по трагедијата, се потврдуваат тврдењата на малезиските власти дека курсот на авионот бил намерно пренасочен, како и дека поради тоа летал повеќе од седум часа откако со него била прекината комуникацијата.

Се наведува дека и натаму не може да се утврди причината за исчезнувањето на авионот, но и дека не може да се исклучи можноста на интервенција на трета страна. Се претпоставува дека авионот се урнал во далечниот јужен дел од Индискиот Океан.

Денешниот извештај е објавен по втора, приватна потрага по авионот, која исто така, била неуспешна.

Малезија во мај, по 90 дена, ја отповика потрагата која беше финансирана од приватната американска фирма „Оушн Инфинити“, а авионот, чие исчезнување со 239 луѓе беше пријавен на 8 март 2014 година, стана една од најголемите мистерии во светот. Авионот леташе на релација Пекинг – Куала Лумпур, кога над Индискиот Океан му се изгуби секаква трага. На брегот на Индискиот Океан беа пронајдени три делови на крило.