12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Џафери-Балје: Ќе се унапредуваат економската соработка и трговската размена со Косово

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со Дуда Балје, претседателка на Комисијата за човекови права, родова еднаквост, исчезнати лица и петиции од Косово и членовите на истата комисија.

Џафери накратко ги информираше членовите на Комисијата за активностите на Собранието за главниот фокус на саканите измени во функционирањето, со една единствена цел, а тоа е враќање на вистинската, со Устав утврдена, улога на законодавната власт, која во своето функционирање треба да биде независно од финансиски, безбедносен и од аспект на посебен закон за собраниската служба која по начинот на работење се разликува од другата администрација.

Покрај тоа, Џафери зборуваше и за ангажманот на Владата во постигнување добрососедски односи со сите соседи, каде покрај потпишувањето на договорот со Бугарија, го спомна и неодамнешното постигнување на заемно прифатливо решение за спорот со името со Грција, и сето тоа во насока на исполнување на потребните предуслови за добивање покана за полноправно членство во ЕУ и НАТО, што се утврдени стратешки цели на Македонија уште од осамостојувањето.

Пратеничката од Косовскиот парламент, Балје, се заблагодари за континуираната поддршка што Македонија ја дава на Косово, во нејзините напори за етаблирање на меѓународната сцена, а особено за парламентарната поддршка. Таа изрази желба и надеж ваквата соработка да продолжи и во иднина со уште поголем интензитет, а Групите за пријателство во двата Парламента да бидат добра основа за развивање на тие односи, за размена и добивање искуства.

Со оглед на тоа што, како што рече Џафери, дека меѓу двете земји е изградена богата нормативно-правна рамка, а покрај тоа врските помеѓу граѓаните од двете страни се на повеќе нивоа, нема никаква пречка за унапредување на економската соработка и трговската размена и на крајот на средбата, соговорниците се согласија дека ќе продолжат со остварување на редовните контакти и редовните заемни посети.