17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Платите на граѓаните се намалуваат, животот е полош од пред една година

Криминалниот картел што ја води Република Македонија на чело со Зоран Заев ја урнисува државата, велат денеска во соопштение од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Платите на граѓаните се намалуваат, а трошоците за живот растат. Просечната плата во февруари е помала за 867 денари од платата во јануари. Еден месец траеше вештачката еуфорија на картелот на власт во врска со висината на просечната плата. Просечната плата, која во јануари беше 24.025 денари, во февруари е 23.158 денари. Тоа е пад за 3%“, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека пад на платите се бележи во повеќе сектори.

„Во секторот рударство, во кој се вработени над 13.000 граѓани, платите се пониски за 9.9%. Падот на платите во секторот за снабдување со електрична енергија, во кој се опфатени над 10.000 работници е 6.3%, додека во секторот транспорт во кој се вработени околу 40.000 вработени платите бележат пад од 11.7%. За 6.11% се помали платите во секторот земјоделие, сектор кој опфаќа околу 140.000 луѓе. Додека, пад, од неверојатни 26.4% бележат платите во секторот уметност, забава и рекреација, кој опфаќа околу 10.000 вработени“, констатираат од партијата.

Оттаму наведуваат дека државата стагнира, а економијата буквално тоне.

„Платите на граѓаните во просек се пониски за 867 денари, додека во круцијалните сектори кои се столбови на економијата падот е и многу поголем. Наместо креирање позитивна бизнис-клима и подобри даночни политики, криминалниот картел на власт ги покачува даноците и наместо транспарентно работење за 1 година склучи десетина милионски договори во четири очи, со фирмите блиски до нив“, стои во соопштението.