12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Министерство за финансии: 30-годишната обврзница ги подобрува структурата и рефинансирањето на јавниот долг

Министерството за финансии преку соопштение попаднево истакна дека издавањето подолгорочни хартии од вредност, како денешната 30–годишна државна обврзница, ја подобрува структурата на јавниот долг и го намалува ризикот за рефинансирање на долгот.

„Ако пред само неколку години сумата на издадените краткорочни хартии од вредност, таканаречени државни записи, беше неколкукратно повисока од долгорочните, сега таа состојба е драстично променета. Така, ако во март 2012 година 92 процента од издадените државни хартии од вредност биле краткорочни, а 8 проценти се со поголема рочност, во март 2018 овој сооднос е 40 проценти краткорочни наспроти 60 отсто долгорочни хартии од вредност“, образложува Министерството.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска истакна дека безусловната препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ, добрата фискална политика и подобрувањето на изгледот на кредитната агенција „Фич“ за Македонија доволно говорат за патот по кој се движи земјата, па врз основа на сето ова може да излеземе на пазарот со инструмент како 30-годишна државна обврзница, кој укажува на силна доверба од инвеститорите.

До денес, односно до издавањето на првата 30-годишна обврзница, државна хартија од вредност со највисока рочност беше 15-годишната обврзница.

Од Министерството велат дека Македонија, покрај Словенија, е единствената земја во регионот што издала 30-годишна обврзница. Најблиску до оваа рочност во регионот дошле членките на Европската Унија – Бугарија, која издала 20-годишна обврзница, и Хрватска, каде што најдолг рок на кој е издадена државна обврзница е 13 години.

Од Министерството за финансии додаваат дека обврзници со достасување од 30 години имаат земји како Германија и САД. Обврзница со највисока рочност има издадено Австрија, односно 100-годишна обврзница.