11.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Груби побара француска поддршка за препорака за ЕУ и членство во НАТО

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби заедно со членовите и замениците членови на Комисијата за европски прашања на Собранието на Македонија, остварија средба со Лилјана Танги, пратеник во Националното Собрание на Француската Република, која истовремено е и Потпретседател на Комисијата за европски прашања и Потпретседател на Групата за пријателство меѓу Националното Собрание на Француската Република и Собранието на Република Македонија и Францускиот Амбасадор Кристиан Тимоние.

На средбата се разменија мислења на повеќе теми, а пред сè за развојот на билатерални односи меѓу двете земји, реформските процеси во Македонија, за ЕУ и за НАТО, како и за развојот на односите на Република Македонија со земјите од соседството.

Заеднички беше констатирано дека билатералните односи се развиваат во континуитет, во духот на меѓусебната доверба и пријателство, при што беше потврдена заемната заложба за нивно натамошно унапредување.

Од страна на Груби беше изразено очекувањето за француската поддршка за евро-атлантските интегративни заложби на Македонија, при што Груби побара строга, но фер проценка на постигнатото, додека од страна на Танги беше реафирмирана поддршката за реформските процеси во Република Македонија, чија крајна цел е целосна интеграција на државата во Европската унија и НАТО алијансата.

За Република Македонија, поддршката која доаѓа од Република Франција е од исклучително значење, имајќи ја во предвид клучната улога на Франција во процесот на проширување на Европската унија, особено во пресрет на априлскиот Извештај на Комисијата за напредокот на Република Македонија во европските интеграции, во кој нашата земја ќе ја добие чистата препорака за отпочнување на преговори со ЕУ. Во тој контекст, Груби информираше дека целиот фокус на земјата е свртен кон реализација на преостанатите реформски закони, како и на решавање на спорот со нашиот јужен сосед за да ја интегрираме нашата држава целосно во НАТО и ЕУ.