17.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Груби-Лоренцо Сера: Само стабилен и прогресивен Западен Балкан е гарант за стабилноста и безбедноста на Европа

Во просториите на Собранието на Република Македонија, претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, имаше средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Македонија, Н.Е. Емилио Лоренцо Сера.

Соговорниците разменија мислења околу внатрешно-политичката ситуација во земјата, членството на земјата во евро-атланските структури, добрососедството, јазичната еднаквост и реформските активности во контекст на пораките содржани во новата Стратегијата на Европската комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година.

Во врска со спроведувањето на реформската агенда, Груби оцени дека за реализација на истата е неопходен политички и општествен консензус.
Груби го запозна амбасадорот со предизвиците со кои се соочува Република Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. Притоа, посебно внимание беше ставено на напорите што се прават во тој процес, вклучувајќи го и текот на преговорите со Грција за надминување на разликата околу името, при што изрази оптимизам за постигнување конечно решение.

Коментирајќи ги интегративните перспективи на регионот, соговорниците се согласија дека само сигурен, стабилен и прогресивен Западен Балкан како дел од европското семејство претставува гарант за иднината, стабилноста и безбедноста на Европа во целина.

Амбасадорот Лоренцо Сера ги поддржува евро-атланските аспирации на Македонија и изрази заинтересираност да го помогне нашиот пат кон ЕУ и НАТО.