17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ФРОДЕМ предлага конфедерација со Турција

Фронтот за демократска Македонија (ФРОДЕМ) предлага да се почнат преговори за конфедерација меѓу Република Македонија и Република Турција. Овој предлог го даваат бидејќи, според нив, ниту раководството на ДПМНЕ, ниту актуелната власт немаат сенс, но и не сакаат да го решат проблемот со името преку Генералното собрание на ОН за на тој начин да го задржиме името и националното достоинство.

„Нашиот јужен сосед долги години си поигрува со нашето трпение, достоинство и толеранција и спротивно на сите цивилизациски норми настојува по секоја цена да ги промениме нашето име, идентитет, јазик и устав. Сакаме, по којзнае којпат, да ги потсетиме нашите јужни соседи, како и целокупната светска јавност дека изборот на државното уставно име на секоја држава е под строга внатрешна јуридикција. Секоја држава, според меѓународното право, има полна правна слобода при изборот на сопственото име бидејќи името на државата е неотуѓиво и суверено право. Оттаму сите понатамошни преговори и договори кои одат во насока на промена на нашето име, идентитет, јазик и устав нè ставаат во подредена ситуација и дополнително нè деградираат како луѓе и како нација“, соопшти ФРОДЕМ.

Дополнителен мотив за овој предлог од ФРОДЕМ нагласуваат дека е изјавата на шефот на грчката дипломатија дека во Виена по речиси 12-часовни континуирани преговори, според неговата перцепција, сѐ уште не постои договор за ниту една точка. Најавата за достава на нацрт-спогодба за името од грчка страна, од ФРОДЕМ сметаат дека нема да придонесе за изнаоѓање компромисно и достоинствено решение за граѓаните на нашата држава.

„Бидејќи Република Турција е осведочен пријател на Република Македонија и максимално коректно ги почитува нашиот територијален интегритет и суверенитет, идентитет, нашето име, знаме, устав и јазик и во овој илузорен и наметнат спор од страна на нашиот немилосрден јужен сосед е на страната на правдата и вистината, предлагаме релевантните македонски политички субјекти во најкраток можен рок да постигнат консензус со кој би почнале преговори за идна конфедерација на Република Македонија со Република Турција. Конечната одлука за идна конфедерација би ја донеле граѓаните на Република Македонија и Република Турција на референдум по што би следело склучување билатерален меѓудржавен договор“, предлагаат од ФРОДЕМ.

Од партијата појаснуваат дека конфедерацијата во правото и политиката се толкува како сојуз на суверени држави кој е заснован на меѓудржавен договор кој е насочен кон реализација на однапред договорени заеднички цели и интереси. Договорот за идна конфедерација би се однесувал на клучните прашања за опстанокот на нашата држава, и тоа: на заедничката надворешна и безбедносна политика, на гаранција за територијалниот интегритет и суверенитет и неделивоста на државата, на подигнување и подобрување на економската состојба во нашата држава, како и на други прашања кои ќе ја гарантираат посебноста на македонската нација како и посебноста на сите други етнички заедници во Република Македонија.