12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Нимиц: Време е за решение на спорот за името, има волја и од двете страни

Дојде време Атина и Скопје конечно да донесат одлуки во врска со името на поранешната југословенска република Македонија (ФИРОМ), прашање за кое двете страни разговараат веќе 25 години, порача медијаторот Метју Нимиц во Атина по средбата со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, пренесуваат грчките медиуми.

„Ние разговараме за овие работи веќе 25 години, секој знае кои се проблемите. Има време за донесување одлуки и мислам дека сме таму“, изјави Нимиц пред новинарите барајќи од Атина и Скопје да го искористат овој момент за решение.

„Мислам дека има импулс тука и ние треба да го искористиме тоа“, порача Нимиц.

Како што пренесува грчката агенција АНА, Нимиц информирал дека имал конструктивна дискусија со Коѕијас, при што министерот го информирал за ставовите на грчката страна и некои специфики за некои од идеите што ги предложи медијаторот.

Според Нимиц, волја има од двете страни и верува оти може да се постигне решение. Тој одбил да разговара за идеите што им ги претстави на двете влади истакнувајќи дека некои од нив веќе се обелоденуваат, пренесе АНА..

„Двете влади можат и сами да смислат идеи или се надевам да искористат некои од моите. Никогаш не давам конечни идеи, јас сум посредник, а не судија. Од моја страна давам идеи за кои сметам дека се најдобри во моментот“, рече Нимиц.

Нимиц и Коѕијас, по нивната 40-минутна средба, продолжија на работна вечера. Нимиц претходно се сретна со Јоргос Кумуцакос, одговорен за надворешна политика во опозициската Нова демократија.

Посредникот на ОН од Атина утре доаѓа во Скопје на дводневни разговори со македонскиот државен врв.