25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО ДПМНЕ со неочекуван потег – ова е пораката упатена до СДСМ

Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција уште еднаш ја повика владејачката коалиција, како и СДСМ, да го повлече законот за јазиците затоа што станува збор за закон кој е далекосежен, закон што е комплексен и закон што засега огромен број институции во Република Македонија.

„Со жалење можеме да констатираме дека владејачката коалиција предводена од СДСМ досега не ги слушна, немаше слух и немаше сенс за барањата и апелите на ВМРО-ДПМНЕ, но и на мнозинството граѓани, како и на огромен број експерти кои бараа повлекување на Законот за употреба на јазиците“, рече Ѓорчев. Тој апелира владејачкото мнозинство предводено од СДСМ да го повлече овој закон, да се формираат работни групи, да се консултира експертската јавност, да се видат меѓународните искуства и во атмосфера на заемни консултации, во атмосфера на политички дијалог, да се види кои решенија се  најдобри.

„Би сакал да нагласам една работа – ние, едноставно, сме подготвени да дискутираме за зголемен опфат и употреба на јазиците во Република Македонија. Истовремено, не сакаме да се носат решенија што набрзина се подготвени. Не е добро во Република Македонија, само во име на формирање одредена политичка и партиска коалиција, во цајтнот да се прават закони што се лоши, закони што се недоречени, закони што огромен број луѓе не знаат како да ги толкуваат ниту, пак, може да ги разберат. Значи, уште еднаш, ајде заеднички преку дијалог, преку консултации, преку заемна соработка меѓу политичките партии, да направиме текст што ќе биде заеднички прифатлив, текст што ќе биде добар за граѓаните, текст што ќе значи унапредување на правата, но истовремено и текст што ќе биде во рамките на Уставот“, рече Ѓорчев.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата бараат и инсистираат во Законот за употреба на јазиците да се прошири употребата на помалите етнички заедници во Република Македонија, односно Турците, Бошњаците, Србите, Ромите, Власите и другите. Значи, потребен ни е закон што ќе ги афирмира правата на сите во Република Македонија, а не што ќе носи кон флуаризација или, пак, разни толкувања што овие денови ги слушам во јавност“, додаде тој.