Синоќа Игор Дурловски објави дека се повлекува од пратеничката фунцкија, поради како што тој вели „Пратеничка фотелја боде кога политичката прагма станува поважна од моралот“
Мотивот за ваквиот чин за широката јавност до овој момент се уште не е целосно познат, но она што се отвора како тема е компактноста на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, но и надвор од него.
Дурловски иако без политичко искуство и со тежок багаж од настаните на 27 април, на изборите на 15 јули беше носител Изборната единица 5 каде ВМРО-ДПМНЕ изгуби од СДСМ.
Самиот факт што беше носител, донесе очекувања дека Дурловски требаше да биде експонирана фигура во дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ, но само по едвај три месеци од верификацијата на мандатот, тој си поднесе оставка од пратеничката функција.
Претходно, уште еден носител на пратеничка листа на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев си поднесе оставка од функцијата генерален секретар на партијата.
Со тоа, двајца носители на пратенички листи го напуштаат Христијан Мицкоски, што во јавноста создава впечаток на прилично разнишани односи во врвот на опозициската партија.
Ако на тоа се додаде и фактот дека во ВМРО-ДПМНЕ се уште прилично активна е Иницијативата за свикување на вонреден конгрес составена од сегашни и поранешни истакнати партиски членови кои бараат итна смена на Мицкоски и актуелното раководство, тогаш за очекување е дека бурниот период во кој се наоѓа опозициската партија ќе продолжи и натаму.
/JS