„Во наредните четири години како Министер за економија ќе продолжам да водам економска политика чија цел ќе биде развој на иновативноста и инвестиции во технолошкиот развој како шанса за посакуваната трансформација во економијата. Таквата економија создава поголема додадена вредност, ги развива човечките ресурси и обезбедува поголема продуктивност и повисоки плати. Во овој мандат, својот личен фокус особено ќе го ставам на економијата, владеењето на правото и реформата на институциите“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференцијата за мандатното писмо врачено од претседателот на Владата, Зоран Заев.
Како што потенцираше министерот прво и најприоритетно е во наредните четири години преку мерките и програмите во рамки на Министерството за економија да се создадат услови за отворање на нови работни места што ќе значи намалување на невработеноста.
„Целта е невработеноста да се намалува по 3% годишно, како што правевме и во изминатите три години. Во изминатите две години преку Планот за економски раст беа поддржани 268 компании кои имаа вкупни инвестиции од 420 милиони евра. Планот за економски раст покажа дека компаниите инвестираат и вработуваат, а во наредните четири години ќе продолжиме во оваа насока преку дополнување и проширување на опфатот на компании и проекти“, кажа Бектеши.
Министерот информираше дека е започната постапката за законски измени со кои се овозможува основање на фирма со минимален износ на основна главнина од 1 евро. А веќе се работи на создавање на регистар на парафискални давачки со кој целиме преку реформи во институциите ќе се намалат парафискалните давачки до 75 % и нивно нивелирање во согласност со големината на стопанските субјекти, преку дијалог со стопанските комори.
„Во наредниот период заедно со Министерството за финансии ќе работиме на значително намалување на ограничувањата за основање на инвестициски фондови преку посебен Закон за бизнис-ангели и измени на Законот за инвестициски фондови. Веќе сме во завршна фаза во процесот на анализа и препораки за натамошно зајакнување на Фондот за иновации и технолошки развој, негова трансформација за да има резултати на долг рок. Со тоа ќе овозможиме влез на странски инвестициски фондови како стратешки партнери на Фондот во поддршка на економскиот раст, базиран на иновации и воведување нови технологии. Во таа насока ќе продолжиме да инвестираме во научно-технолошкиот парк кој започна со операции во март 2019 година со цел тој да биде целосно функционален во 2025 година“, кажа Бектеши и информираше дека меѓу приоритетите на Министерството за економија за поттикнување на иновативноста во земјата е и формирање на „Старт-ап село“ кое ќе нуди можност за многу млади од земјава и странство да отворат бизнис без потреба од плаќање на режиски трошоци.
Министерот кажа дека во изминатиот мандат Министерството за економија и Владата направија клучни реформи во енергетскиот сектор и дека во новиот четиригодишен мандат ќе продолжи трансформацијата на енергетскиот сектор со уште позасилено темпо
„Нашата цел е во наредните четири години да го спроведеме амбициозниот план до 2024 година над 50 % од вкупната инсталирана електрична моќност во нашата држава да биде од обновливи извори на енергија. Наш приоритет ќе биде модернизација и трансформација на ТЕЦ Неготино, во постројка која ќе користи природен гас и ќе обезбеди можности за зголемено земјоделско производство. Нашата цел е во наредните четири години да продолжиме во оваа насока со зголемување на капацитетот за дополнителни 400 МW фотоволтаични електрани во домашниот електроенергетски систем, со што ќе се произведе чиста електрична енергија на ниво од околу 560 GWh, како и инсталирање на ветерни електрани со моќност од дополнителни 160 MW“, кажа Бектеши.
Министерот на крај потенцираше дека и во овој четиригодишен мандат ќе продолжи да работи професионално и транспарентно и отчетно во реализирање на зададените цели и задачи.