Зоран БОЈАРОВСКИ
„Не ми паѓа на памет да прифатам било каква уцена или притисок кој го имам, а го имаме многу, веќе една година. Ќе одиме до крај до конечна победа и нема попуштање. Антимакедонскиот фронт ќе биде поразен (…) Што се однесува до оние повици од СДС да сме се качеле на возот кон ЕУ, цело ВМРО-ДПМНЕ или еден дел, ќе му одговорам: не само дел, туку цело ВМРО-ДПМНЕ веќе е на возот кон ЕУ, а возот во кој се Ковачевски и ДУИ веќе е влезен во темниот тунел кој еднонасочно удира во карпа“, провикнал Мицкоски на партиска трибина во Струмица и уште изразил жалење што власта не ја прифати понудата за предвремени избори, како и „хрватскиот модел“.
Не пропуштил да нагласи дека „сѐ уште е отворена таа понуда која ќе значи дефинирање на Македонија како држава на Македонците и останатите малацинства кои живеат во неа“.
Ајаде да ги изанализираме овие пет-шест реченици и да утврдиме кој е на позициите на антимакедонскиот фронт.
1. Понудата за која Мицкоски вели дека е „сѐ уште е отворена“, што говори дека тие не се откажале од кампањата да го пресликаме Уставот на Хрватска и на „наш терен“, е всушност иницијална каписла која има полнење повторно да ги разбуди злите националистички духови за создавање тензии и конфликти во меѓуетничките односи во земјата.
Тоа не е на ниту еден начин од интерес на Северна Македонија. Тоа е делување од позиции на еден антимакедонски фронт, бидејќи ја вади од пештерата ламбата во којашто е затворен лошиот дух кој може да го доведе во прашање опстанокот на државата.
Се разбира дека тоа е невозможно, но е опасна игра за политички поени со емоциите на еден дел од народот кои не се свесни дека тоа е евтин популизам.
Враќањето на „малцинствата“ како поим во Уставот и во општествената реалност не е само нешто што Македонија го надмина како концепт во дефинирањето на државата, туку е и потенцијал за враќање на етнопопулистичката вмровска вредносна платформа којашто беше една од главните причини за конфликтот од 2001.
2. Овој став во пристапот за менување на Уставот, неминовно не води до втората антимакедонска позиција – блокадата на процесот за членство во ЕУ.
Зар некој верува дека „цело ВМРО-ДПМНЕ веќе е на возот кон ЕУ“, кога е јасно дека единствени „блокатори“ на нашата интеграција во ЕУ останаа Мицкоски и неговата партија. А Левица, како што велат поклониците на Енвер Хоџа, е тука за „порадикални методи“ бидејќи сите други се „копуци“ и ако треба ќе влезеле „многу пожестоко“.
Во натпреварот кому да му припадне лидерската позиција во антимакедонскиот фронт, ВМРО ја проголтаа јадицата на Левица и „жестоко“ соопштија дека ниту францускиот претседател, ниту германскиот канцелар нема да ги разубедат лидерот и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот под бугарски диктат.
И тоа е делување од антимакедонски позиции ако е јасно дека е спротивно на сето постигнато досега и од страна на домашната политика и од страна на нашите сојузници во ЕУ и САД кои толку енергично се залагаат да го забрзаат процесот за нашето членство во ЕУ и тоа со чист идентитет и признаен македонски јазик.
Сѐ на сѐ, Мицкоски само ја продолжува политиката на Груевски. Груевски ги рушеше сите можности и го одлагаше пристапувањето на членството во ЕУ и НАТО за да ги спроведе своите и партиските проекти за антиквизација на Македонија и за идентитетски инжинеринг на Македонците. Така единствено што направи беше да ја „зароби“ државата, спротивно на сите национални интереси на земјата и на нејзините граѓани.
Со постапките опишани во 1. и 2., наместо да обвинува други неаргументирано, Мицкоски треба да се запраша дали тој не е оној што го продолжува груевизмот како антимакедонско дело.
пишува Зоран Бојаровски за Рацин.мк