„Сакам да верувам дека културата ќе ни помогне во овие предизвикувачки времиња и дека повторно ќе стане прибежиште каде народот си го наоѓа своето убаво, без разлика дали во театрите, музеите, концертни сали или преку различните видови медиумски платформи“ изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во интервју за „Рацин.мк“.
Таа додава дека се радува што се зголемува бројот на присутната публика на културните настани и што имаме се повеќе публика на македонските перформанси во странство.
„Таков пример е последната изложба во Кунстхале, Виена каде ТВ екипи од Македонија ги следеа настаните во живо, а изложбата ја посетија повеќе од 1000 посетители. Денес бев сведок исто така на ТВ прилог за премиера во Театар Комедија“ рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката изрази желба културата да биде поприсутна во медиумите, бидејќи недостасуваат емисии каде ќе се разговара на културно и уметничко ниво.
„Кога станав министерка, еден новинар ми рече: министерке ајде културата да ја вратиме како претпоследен прилог во вестите. Не знам дали успеваме. Верувам дека активностите за одбележување на македонскиот јазик заслужија многу повеќе од тоа. И знам дека се трудиме секаде да нѐ следат новинари или ние да известуваме. Некогаш поттикнуваме убави случувања, некогаш отвораме тема за истражување, но токму тоа е она што е вредно за публиката“ рече Костадиновска-Стојчевска.