Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денес изјави дека Србија не може да биде покорена со сила и дека српскиот народ е еден од најдобрите примери за отпорност и способност да стане уште посилен по големите историски искушенија.
На Меѓународниот младински фестивал во Екатеринбург, Захарова потсети на настаните низ кои помина Србија во текот на 20 век, истакнувајќи го херојството на српскиот народ во Првата и Втората светска војна, објави Спутник.
„Српскиот народ покажа огромно херојство и направи многу за нас и нашата земја, за да можеме да преживееме и да продолжиме да се бориме. Без српската поддршка во Втората светска војна, ова не би било можно“, рече Захарова.
Таа се осврна и на бомбардирањето на Србија во деведесеттите години, наведувајќи дека суверена земја била бомбардирана во центарот на Европа и дека била употребена муниција со осиромашен ураниум.
Според неа, последиците од ваквите дејствија не биле ограничени само на периодот на нападот, туку можеле да влијаат и на идните генерации.
„Сето ова можеше да доведе до уништување на еден народ, но Србија помина низ овие искушенија и стана посилна. И што е најважно – Србија не може да биде покорена со сила“, рече Захарова, цитирана од Танјуг./Извор:Makfax


