23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Спасеновски со предлог-компромис за ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени

Професорот по уставно право и експратеник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Спасеновски во неговото гостување на Сител ТВ вчера даде креативно решение за ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени – да се направи промена на државниот грб, како отстапка која би ја направиле другите партии.

Тој го реактуелизираше предлогот кој Владата на Никола Груевски го предложи во 2014 година за промена на државниот грб во црвен лав на жолта позадина со пет кули.

„Можеби враќањето на старата дебата некаде од 2014-2015 година за менување на актуелниот државен грб на државата, нешто што како проект беше започнато од минатата влада, беше обезбедена согласност од ДУИ, е еден од начините како да се овозможи земање предвид на интересите, на заложбите, на најголемиот дел од конзервативниот дел од државата, но истовремено да се најде начин како резултат на таквата отстапка да се дискутира со опозицијата и да се обезбеди нејзина согласност околу текстот на уставните измени“изјави Спасеновски.

ВМРО-ДПМНЕ како партија одби да учествува во работната група за уставните измени, но ова е втор обид на партијата или нејзини претставници да даваат предлози кои за нив би биле прифатливи и можност за нивна поддршка на уставните измени со цел продолжување на преговорите со ЕУ.

Претходно, партијата го предложи хрватскиот модел на внесување на заедниците во нивната Преамбула на Уставот, како модел со кој тие би го поддржале внесувањето на Бугарите во Уставот.

Од Владата неколку пати ги повикаа претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, наместо по медиуми и со соопштенија, предлозите, идеите и забелешките за уставните измени да ги даваат во работната група, каде што ќе може претставниците на партиите и експертите заеднички да дојдат до решение, кое потоа ќе биде презентирано пред пратениците.