Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во земјава да остане на истото ниво од 2%. Одлуката е донесена врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, според податоците заклучно со вториот квартал од 2026 година. Оваа стапка ќе важи од четвртото тримесечје на 2027 година и се оценува дека таа е соодветна на тековните макрофинансиски услови и на состојбите во банкарскиот систем.
Банкарскиот систем е стабилен и отпорен на шокови, што го потврдуваат резултатите од стрес-тестовите, а се гледа и преку соодветната капитализираност и ликвидност, ниската стапка на нефункционални кредити и солидната профитабилност.
Одлуката за задржување на истата стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот е поткрепена и со макропрудентните мерки преземени на крајот од минатата година и измените кај задолжителната резерва, во билансите на банките, при што се забележува подобрување на структурата на новоодобрените кредити според висината на ЛТВ и ДСТИ, а кај депозитите на домаќинствата и натаму се бележат поволни поместувања од аспект на рочната и валутната компонента.
Ваквата поставеност на макропрудентните мерки би придонесла за ограничување на системските ризици во следниот период и за натамошно задржување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и редовно, на квартална основа, ќе ја преоценува висината на стапката.


