Centar.mk
-ЛОКАЛНО

Ѓорѓиевски: БРТ e едно од повеќето функционални решенија зa градскиот сообраќај, над 520 паркинг места кај Клиничкиот центар

На Сител телевизија во „Тема на денот“ гостуваше Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Град Скопје кој дискутираше за БРТ проектот и посочи дека по повеќегодишното одложување на проектот пронајдено е функционално решение со кое ќе се задржи средишното зеленило, наместо негово отстранување.

„Во минатото повеќе од инает се дозволи со години да стои проектот во исчекување, најкритичната точка беше средишното зеленило коешто во минатото требаше да се отстрани, ние го променивме концептот, затоа што има алтернатива која може да биде функционална, наместо на средината да се отстранува средишното зеленило, автобусите да одат од левата и од десната страна, притоа да го задржиме средишното зеленило и да се додадат уште две траси“ рече Ѓорѓиевски и додаде:

„Реално проекциите беа наредната година да започнеме со овој дел од тендерските постапки но бидејќи навремено ја завршивме целата работа, ние ја распишавме едната фаза којашто предвидува инфраструктура тоа е поврзувањето Ѓорче Петров со Ново Лисиче, имаме и втора фаза понатаму којашто ќе опфаќа набавка на 40тина нови еколошки автобуси“.

Во однос на паркирањето кај Клиничкиот центар, Ѓорѓиевски посочи дека проблемот со недостигот на паркинг места ќе се решава со изградба на две големи монтажни паркиралишта со капацитет од над 520 возила.

„Јас сакам прво да ја поздравам идејата на Владата за нов Клинички центар но до тогаш хаосот кај Клинички центар го решаваме и распишана е тендерска постапка за изведба на две големи монтажни паркиралишта коишто ќе задоволуваат потреби над 520 паркинг места, ако оди се како што треба веднаш по завршување на тендерската постапка ќе почнеме со градба“, истакна Ѓорѓиевски.