За тоа што е направено во мандатот на оваа Влада и што гледаат граѓаните говорат бројните економски показатели, просечната плата сега е над 34.000 денари а во време на ВМРО-ДПМНЕ беше едвај 20.000 денари, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, вечерва во реплика, во рамки на собраниската дебата за реконструкција на Владата.
-Во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше власт минималната плата беше 8.000 денари сега е 18.000 денари. А од март ќе стане над 20.000 денари.
Пензиите ги зголемивме за 10%, сега ќе има уште едно зголемување во март. Погледнете ја просечната плата кога во време на ВМРО-ДПМНЕ беше едвај 20.000 денари а погледнете ја денеска просечната плата, над 34.000 денари, рече претседателот Ковачевски.
Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски ги посочи и антикризните мерки вредни 760 милиони евра со кои се сочува економијата и се поддржа стандардот на граѓаните и компаниите во време на најголема економска и енергетска криза.
– 760 милиони евра антикризни мерки. 80% субвенционирање на цените на струјата за граѓаните. Пет пати помалку плаќаат граѓаните цена на струјата од тоа да не е субвенцијата. Компаниите плаќаат три пат помала електрична енергија. Тоа се 72.000 компании во државата кои вработуваат над 90% од вработените, рече Ковачевски.
Во земјоделството ги вративме долговите кои што ВМРО-ДПМНЕ ги остави во 2016 година, рече Ковачевски и додаде дека оваа година е постигната највисока откупна цена на тутунот.
-Која година е најголемата и највисоката откупна цена на тутунот во оваа држава, знаете? Не. Јас ќе ви кажам, оваа година е најголемата откупна цена, 290 денари за килограм, откупено се комплет, рече Ковачевски.
За евро-обврзницата Ковачевски рече дека е за рефинансирање на евро-обврзницата којашто ВМРО-ДПМНЕ ја зема за стиропор, палми и споменици во Скопје
-Ако сакате да видите што е направено со тие пари, дојдете во зградата на владата да видите како стиропорот се распаѓа, рече претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски.