24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Скопје и ЕУ задоволни од квалитетот на преговарачкиот тим, процесот зема замав

Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач, Бојан Маричиќ истакна дека е задоволен од подготвеноста на македонскиот преговарачки тим. Оценката следува по завршувањето на првиот билатерален скрининг за поглавјето 24 „Право, слобода и безбедност“. Маричиќ воедно додаде дека македонскиот преговарачки тим во Брисел го објаснил нивото на усогласеност со законодавството на ЕУ и негова имплементација.

Претходно и премиерот Димитар Ковачевски рече дека е започнато ново поглавје на европскиот пат, додавајќи дека тимот е посветен за скрининг-процесот да се заврши во зададениот рок.

„Македонскиот тим е подготвен, има експертиза, има знаење и ќе го заврши скринингот во планираниот рок од 14 месеци. И ние, и ЕУ, ги исполнуваме нашите ветувања. Останува следниот чекор, уставните измени, кои ќе се најдат пред македонското Собрание и нашите 120 пратеници“, рече Ковачевски.

Сепак, покрај пофалните зборови од домашните власти за тимовите кои преговараат за членство во Брисел, претставници на меѓународната заедница го споделуваат мислењето, изразувајќи задоволство од квалитетот на преговарачите.

Откако започна скрининг процесот во земјава пристигна и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која кажа дека Европската унија не е целосна без Северна Македонија.

-Веднаш започна скринингот на правото на ЕУ. Сега земјата е цврсто на вистинскиот пат и преговарачкиот процес зема замав. И многу добра работа се прави, рече Фон дер Лајен.

Амбасадорката на Шведска во Ларсон Јаин, чија земја е наредниот претседавач со Унијата, на последниот состанок со премиерот Димитар Ковачевски изрази честитки за отпочнатите преговори на Република Северна Македонија со ЕУ и посочи дека земјата има подготвени тимови кои го водат скрининг процесот.

Неодамна, француската државна секретарка за Европа, Лоранс Бун од Скопје истакна дека Северна Македонија напредува доста во поглед на усогласувањето со европското законодавство, истакнувајќи ја и важноста од усвојувањето на уставните измени како следен чекор и дел од европскиот договор.

Според неа, Франција е тука за време на преговорите и е подготвена да ѝ помогне на Северна Македонија за да ја постигне својата цел за полноправно членство во Унијата.

Од друга страна, европратеничката и лидерка на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите во ЕП, Ираче Гарсија Перез, при посетата на земјава, исто така ја потенцира европската иднина на земјава која ги започна преговорите и скринингот.

-Сега е најдобро време заеднички да се работи. Тука сум да пратам јасна политичка порака од нашето политичко семјество, втората најголема политичка група во Европскиот парламент со над 150 пратеници, но и со осум комесари во Европската комисија. Тука сум да ја поддржам оваа нова динамика во процесот на пристапните преговори, порача Перез.

На иста линија е и генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој, Матијас Корман. Тој го поздрави почетокот на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија и оцени дека пристапните преговори овозможуваат брзи и квалитетни реформи.

Инаку, Владата ја креираше преговарачката структура на петти септември годинава, а е поддржана и од експерти, државни службеници кои со години работат на ова поле, а се надградува и со експерти и стручни лица надвор од институциите, но и надвор од државата кои имаат искуство со водење преговори и пристапување на други држави во ЕУ.

-Нашата заложба и намера е да обезбедиме квалитетна и ефикасна структура која ќе може да се носи со сите предизвици, соопштија од Владата, од каде повторија дека целта е полноправно членство во Унијата во 2030 година.