26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Граѓаните едвај врзуваат крај со крај, а послушниците на власта од аферата „Паразити“ книжат илјадници евра месечно

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на денешната посета на општина Зрновци, истакна дека во тешки времиња кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, лицата што се слепи послушници и главоклимачи на власта на СДСМ и ДУИ и се споменуваат во аферата, книжат илјадници евра месечно.

„Живееме во многу тешко време, многу сложено времекога народот едвај крај со крај врзува од 1-ви до 1-ви. Навистина многу тешко време со многу предизвици пред сѐ економско-социјални и кога сето тоа ни се случува, кога гледаме дека луѓето едвај го поминуваат месецот имаме една мала група на наши сограѓани, слепи послушници на власта на СДСМ и ДУИ кои што книжат месечно илјадници евра, а годишно стотици илјади евра и тоа го прават без срам, без ни малку чуство за тоа што граѓаните буквално мизеруваат. И наместо да се солидаризираат, слушам вчера еден од тие вели, па мала била директорската плата од 80, 90, 100 илјади денари. Јас сум редовен професор на Универзитетот и мојата плата е двојно помала од таа. Јас сум редовен професор избран 2019-тата година и мојата плата како доктор на науки, како редовен професор кој што треба да биде педагог и образува луѓе е двојно помала од таа. Сега замислете со што заслужил овој слеп послушник и главоклимач на власта да има двојно поголема плата од редовен професор, можеби тројно поголема плата од просечната во државата и неколкукратно поголема плата од работниците кои што 8 саати поминуваат на своите работни места за да ги прехранат своите семејства. Тажно и жално“, истакна Мицкоски.

Тој исто така праша и дали премиерот Ковачевски се чуствува лошо како кога ја предаваше Македонија и сега кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, а тие околу него се богатат на грбот на народот.

„Кога зборува Ковачевски дека чуствува како со нож да го боделе кога ја предаваше Македонија и македонскиот идентитет. Не знам како му е сега чуството кога гледа како граѓаните едвај крај со крај врзуваат, а неговите околу него се богатат на грбот на тие граѓани и дали сега има мачнина и тежина во стомакот и дали сега го бодат со нож или тоа само кога ја предава Македонија и тогаш само го чуствува тоа чуство. Тоа сакам да го прашам еве од овде од Зрновци каде што луѓето споделија со нас многу тажни судбини и навистина се чудам и им честитам како успеваат да се мотивираат и да продолжат понатаму“, потенцира Мицкоски.

Тој додаде дека решението за ваквата состојба е да се направи една сериозна чистка на овие луѓе и нивелирање на примањата во услови на криза со цел да можат достоинството да го почуствуваат и работниците, а не само неколкумина слепи послушници на власта.