7.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Македонија депозитар на трите меѓународни договори потпишани во рамките на Берлинскиот процес

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ги прими трите договори потпишани во рамките на самитот на Берлинскиот процес на 3 ноември од страна на шесте држави од Западен Балкан за кои Северна Македонија е одредена како нивен депозитар. Оригиналните документи беа предадени од страна на Сузане Шуц, директор за Југоисточна Европа, Турција, ОБСЕ и Советот на Европа во германското Министерство за надворешни работи.

„Доделената улога на депозитар на трите договори, согласно праксата на назначување на една земја чувар на договори потпишани од страна на повеќе земји, претставува потврда за конструктивна улога на Северна Македонија во регионалните процеси и соработка, како и посветеноста на државата за јакнење на добрососедските односи, но и модел за изнаоѓање позитивни решенија за надминување на отворените прашања“, нагласи Османи по тој повод.

Договорите се однесуваат на заемно признавање на универзитетски дипломи во рамките на Западен Балкан, признавање на професионалните квалификации и слобода на движење со лични карти во Западен Балкан. Тие имаат цел да ја зајакнат соработката помеѓу земјите во делот на реформските процеси, заедничките пазари и воедно да придонесат забрзан регионален економски раст и развој.

Берлинскиот процес како комплементарен на евроинтеграцискиот процес на земјите од Западен Балкан има цел изградба на рамка за унапредување на односите меѓу земјите, отворена пазарна економија, забрзување на реформскиот напредок во интерес на поскора интеграција кон ЕУ, унапредување на соработката, унапредување на културата на дијалог и културата на изнаоѓање компромисни решенија, кои имаат цел да дадат автентичен придонес во европеизација на земјите од регионот.

Со применувањето на трите договори почнува конкретната имплементација на заедничкиот регионален пазар.

Спонзорирано: