Последната седница на Советот, не донесе ништо ново освен скандали на релација Трајко Славески – Данела Арсовска. Градоначалничката која го доби мандатот со поддршката од партијата на Славески не запре со навредите од говорницата во Собранието на Град Скопје, додека пак претседателот на Советот реши да врати со иста мера.
Ескалацијата на кавгата доведе до прекинување на седницата, па така на советникот од СДСМ, Гордан Шутаров му беше ускратено правото да дојде до збор. Арсовска не го препушташе микрофонот од говорницата, а Славески безуспешно се обидуваше да врати контрола на текот на седницата. Шутаров за Фронтлајн оценува дека во Советот на Град Скопје владее тотален хаос и неред, и наместо да се дискутира за мерки, програми, одлуки, иницијативи и креирање на долгорочни стратегии за развојот на Градот Скопје, дел од советниците, но и граѓаните се сведоци на искреиран циркус, во кој единствена цел е придобивање на ситни политички поени.
„Сведоци сте и вие новинарите и претставниците на медиумите каква е атмосферата во Советот на Градот Скопје и колку многу трпат граѓаните заради овие случувања и со право се гневни. Ќе повторам, наместо да носиме одлуки кои ќе го направат Скопје подобро место за живеење и ќе ги решаваат проблемите на граѓаните, ние сме сведоци на политички препукувања и од тој аспект градот е блокиран, односно блокиран е развојот и решавањето на проблемите на граѓаните во Градот Скопје“, вели Шутаров.
И од партијата која ја поддржа Арсовска на локалните избори сметаат дека градоначалничката во недостаток на идеи како да ги реализира ветените проекти за подобрување на животот на скопјани, го продолжува неколкумесечното деструктивно однесување.
„Згрозени сме од недоличното однесување на Данела Арсовска, која како градоначалник, наместо како пример за добро однесување и управување е пример како не смее да се однесува јавен функционер“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Според советникот на СДСМ, Шутаров, од ваквото однесување на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ единствено трпат граѓаните.
„Граѓаните на последните локални избори во 2021 година им ја дадоа довербата на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска да го водат и менаџираат Градот Скопје и тоа е сосема легитимно. Затоа ние како советничка група на СДСМ во опозиција треба да бидеме коректив и да бараме и одговори и одговорност. Ниту Данела Арсовска може да се амнестира од ВМРО- ДПМНЕ, ниту ВМРО-ДПМНЕ може да се амнестира од Данела Арсовска. Пораката од граѓаните, преку секојдневната комуникација со нив е да се вразумат и да прекинат со овој искреиран циркус, во кој нивото на политичка култура е многу ниско паднато и заради тоа секојдневните штети од овој циркус ги трпат граѓаните и со право се револтирани и гневни. Со вакво ниво на политичка култура, за жал, во овој момент не можеме да разговараме за одржлив развој на градот, за капитални проекти, за долгорочни стратегии кои ќе бидат применливи во Градот Скопје“, додава Шутаров за Фронтлајн.
Појаснувајќи ги дилемите околу правилата за обраќање од говорницата во Советот, Шутаров потенцира дека во членот 74 од Деловникот се предвидуваат мерки кои претседателот на Советот може да ги изрече доколку советникот не го почитува редот на седницата како: опомена, одземање збор и отстранување од седница. Но, како што додава тој, Деловникот ова го предвидува само за членовите на Советот на Град Скопје.
„Ниту во Законот за локална самоуправа, ниту пак во Статутот на Градот Скопје или пак Деловникот, не се регулира однесувањето на Градоначалникот. Градоначалникот е избран на непосредни избори од страна на граѓаните, исто така како што ние како членови на Советот сме избрани за непосредни претставници на граѓаните во органите на единицата на локалната самоуправа во овој случај Градот Скопје. Градоначалникот е должен да присуствува на седниците на Советот заедно со службите од Градот и да учествува во работата на Советот, бидејќи градоначалникот е оној кој е предлагач на предлог-одлуките до Советот и е должен истите да ги образложи доколку некој од советниците побара, како и да одговара на советнички прашања кога има седница за поставување на советнички прашања. Како практика на функционирање во Градот Скопје, градоначалникот има право неограничено да говори на седниците, но досега никогаш немало ваква ситуација, ваков искреиран политички циркус, со навреди како „Хитлер, деспоти“, како и клевети, омаловажувања на советници, пријави за кражби во полиција итн.“, истакна Шутаров.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, повикаа да реагира и Државниот инспекторат за локална самоуправа, бидејќи, според нив, Арсовска јасно ја попречила работата на Советот, а нејзиното непочитување на Советот, како што соопштија, отишло до таму што дури и се уфрлала во дискусиите преку паралелен и недозволен звучен систем.
„Со ова, пред очите на целокупната јавност, Арсовска отворено прекрши одредби од Законот за локална самоуправа, поточно 48, став 1 и 2, каде на Претседателот на Советот на Град Скопје не му беше дозволено да ги реализира своите права и обврски за организирање и раководење со седницата“, соопштија од партијата.
Во меѓувреме на скопјани им останува да почекаат да се смират страстите меѓу Славески и Арсовска за да продолжи непречено да функционира Градот. Славески продолжението на седницата го закажа за в понеделник.
Извор Frontline.mk