Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг за поглавјето Статистика, рече дека статистичките податоци ќе бидат важен дел од преговарачкиот процес бидејќи ќе треба да покажеме како се применува усогласеното законодавство во пракса.
Во наша корист е што не почнуваме од почеток, бидејќи веќе имавме една образложувачка средба во февруари 2019 година, пред усвојувањето на новата Методологија за проширување. На ова би го додал, како уште една предност, фактот што после повеќе од 25 години ја транспониравме соодветната статистичка легислатива во нашето национално законодавство, работејќи заедно со Комисијата и Еуростат, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ потенцираше дека Северна Македонија има постигнато одредено ниво на усогласеност, што е потврдено и во Извештаите, додавајќи дека токму во негово време, како министер за правда, Северна Македонија после 2 децении успеа да спроведе успешен попис на населението, според Методологијата и стандардите на Еуростат.
– Завршувањето на одамна задоцнетиот попис беше едно од клучните барања на Брисел за Северна Македонија и беше поздравено од Европската комисија, по објавувањето на резултатите, посочи вицепремиерот Маричиќ, најавувајќи дека после пилот Пописот на земјоделство, кој беше спроведен во јуни 2022 година, во согласност со методологијата целосно усогласена со Регулативата IFS бр. 2018/1091 година, планиран е Пописот на земјоделството за октомври 2023 година.
– Нашиот Државен завод за статистика континуирано работи на имплементација на принципите на Кодексот на практика на европската статистика, периодично проверувајќи го статусот на усогласеност преку самопроценка. Дополнително важно достигнување на кое Државниот завод за статистика активно работеше во текот на 2022 година е Програмата за статистички истражувања 2023-2027 година, за зајакнување на статистичкиот систем во земјата со вклучување на повеќе институции кои водат релевантни статистички податоци, е во завршна фаза, истакна Маричиќ, пред претставниците на Еуростат.
Вицепремиерот и главен преговарач со Унијата, Маричиќ пред почетокот на објаснувачкиот скрининг, заедно со директорот Апостол Симовски и државната секретарка на СЕП, Абдиу-Халили, одржаа состанок со заменик генералниот директор на Еуростат, Гало Гије, на кој разговараа за подготвеноста и активностите кои ги презема Државниот завод за статистика, со цел полесно да одговори на идните предизвици со кои ќе се соочи, при преносот на податоците во Европскиот статистички систем, во рамки на процесот на пристапување во Европската Унија.