Ако хамбургерите се вашата омилена храна, а би сакале да ги направите дома, ова е совршен рецепт за двајца!
Состојки: 300 грама мелено говедско месо, две лепчиња со сусам, голем кромид, четири резанки сланина, четири резанки сирење, кечап, рукола, половина лажичка шеќер, сол, бибер.
Подготовка: Меленото месо поделете го на два еднакви дела, формирајте топчиња и „израмнете ги“ во плескавици. Направете го тоа брзо, месото не треба да се притиска долго време за да не стане премногу компактно. Откако ќе ги формирате плескавиците, не ги враќајте во фрижидер, оставете ги да останат на собна температура додека ги подготвувате преливите, ќе бидат помеки и посочни доколку не одат директно од фрижидер во топла тава. Сланината пропржете ја на висока топлина, за да стане крцкава. Извадете ја од тавата, намалете ја топлината на средно и додадете го кромидот исечкан на ребра. Додадете шеќер за да го забрзате карамелизирањето и динстајте на средна температура додека не стане сладок и мек и додека не порумени. Земете тавче со дебело дно и загрејте го на средна температура. Потпечете ги лепчињата исечени на половина, за исечените делови да станат крцкави. Плескавиците убаво посолете ги и побиберете од двете страни.
По потреба додадете малку масло и во истото тавче пропржете го месото од двете страни по три до четири минути или додека не истече проѕирна течност од плескавиците кога ќе ги процедите. На долната половина од лепчето ставете рукола, потоа топлите плескавици, сирење одозгора, ќе се стопи од топлината од месото. Додадете сланина, малку кечап и карамелизиран кромид. Покријте со другата половина и послужете веднаш.