Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Шилегов: Срамна е црната кампања против мене, со еден документ целосно ја демантирам

– Во изминатите четири години го водев Скопје одговорно, чесно и посветено. Мојата единствена мисла беше изградбата на Скопје како модерна европска престолнина. Заедно направивме многу, започнавме развојни и инфраструктурни проекти кои 27 години беа запоставувани на штета на скопјани. Зад мене и мојот професионален тим има видливи и мерливи резултати. Убеден сум дека скопјани ќе ги препознаат и нема да дозволат тие да запрат, а Скопје повторно да назадува, со овие зборови градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ја започна денешната прес-конференција.

– Денес ќе зборувам за недозволивата и срамна црна кампања која против моето семејство и мене ја води ВМРО ДПМНЕ. Кампања на лаги која за жал ја поддржува и мојата противкандидатка. Таа кампања господине Мицкоски и госпоѓо Арсовска е под секое цивилизирано ниво. Тоа што го правите е една од најлошите карактеристики на политичарите. Кога аргументи за работењето не постојат тогаш лагите ги користите како единствен начин за битка, продолжи Шилегов обраќајќи им се на противкандидатката Данела Арсовска и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Уште пред почетокот кампањата, побарав од кандидатите да влезат во оваа кампања фер без лаги и конструкции за лична клевета на секој кандидат. Апелирав да се соочиме со аргументи, а не со подметнувања. Да соочиме проекти кои им се потребни на скопјани, да водиме кампања за реални теми кои се важни за луѓето, а не со лаги. За жал, очекувано, ВМРО ДПМНЕ, како и во целото свое делување, остана доследна на политиката на измама и злонамерни конструкции, како што им правеше долги 27 години на граѓаните на Скопје, додаде Шилегов.

– Денес сум тука со документи да ги демантирам сите прес конференции на ВМРО-ДПМНЕ и сите зборови искажани од митинзите за тоа колку и како сум ја злоупотребувал мојата функција и незаконити приходи. Овој документ, кој патем е изработен токму на барање на ВМРО-ДПМНЕ од страна на УЈП, потврдува дека мојата имотна состојба и сè што поседуваме јас и моето семејство е еднаква и соодветствува со пријавените приходи и платени даноци. Овој документ потврдува дека ниту еден денар повеќе од она за што сум го пријавил и за што сум платил данок немам потрошено, нагласи Шилегов.

– Ќе престанете ли конечно да лажете и ќе почнете ли конечно да се соочувате со аргументи? Политиката мора да биде лишена од лаги, драги госпоѓо Арсовска и господине Мицкоски. Ние сме тука за луѓето, не се луѓето тука за нас. Престанете да ги лажете, ова се нашите граѓани кои бараат сериозност и решавање на своите проблеми и потреби. Вие за разлика од мене, нудите само лаги. Жал ми е што е тоа вашата единствена агенда. Нашите граѓани не го заслужуваат тоа, им порача Шилегов на Мицкоски и Арсовска.

– Скопје не смее да застане сега. Силно верувам дека го препознавате трудот, храброста и напредокот кој Скопје го направи изминатите четири години. Силно верувам дека сакате тоа да продолжи по истиот пат и да го завршиме она што заеднички го почнавме. За тоа да се случи треба да се обединиме. Треба да излеземе масовно на гласање и да потврдиме дека Скопје продолжува напред. Да го оставиме на страна целото политиканство со кое сака да ве замајува ВМРО-ДПМНЕ. Ако верувате дека после години стагнација храбро тргнавме во решавање на проблемите, излезете и поддржете го напредокот. Јас ќе продолжам уште посилно да работам во ваш интерес, повика градоначалникот Петре Шилегов на крајот од денешната прес-конференција.

Можеби ќе ве интересира

Министерот Минчев на средба со амбасадорот на Кралството Шведска Сулстром

ДЕСК

Нова поштенска марка ја одбележува улогата на жените во градењето мир, 25 години од Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН

ДЕСК

Меморандум на МОН и ИНОФЕИТ за соработка во унапредувањето на дигиталните вештини на наставниците, со фокус на вештачката интелигенција

ДЕСК